Во светот на Колин Хувер, љубовта ретко доаѓа без „цена“. Во „Исповеди“, авторката нè вовлекува во еден специфичен, речиси ноар-уметнички амбиент каде што болката од минатото се претвора во слики на платно. Ова не е само романса ова е приказна за искупувањето и за храброста да се признае она што најмногу не повредува.
Приказната ја следи Оберн Рид, млада жена која се обидува да го реконструира својот живот, водејќи се од строго дефинирани правила. Но, кога ќе влезе во едно уметничко студио во Далас, нејзиниот свет се судира со оној на Овен Џентри мистериозен уметник кој своите слики ги создава инспириран од анонимни исповеди што луѓето му ги оставаат во неговото студио.
Секоја исповед на ѕидот е приказна сама по себе. Овие мали, болни парчиња од туѓите животи ја создаваат тензијата во романот, правејќи го „Исповеди“ нешто многу подлабоко од просечен љубовен роман.
Овеновиот начин на „лекување“ преку туѓите исповеди е фасцинантен. Како некој што се интересира за психологија, овој метод ми се чини како форма на колективна терапија, претворање на срамот во уметност, правејќи го помалку „тежок“.
Од друга страна пак Оберн е лик што поминува низ интензивна трансформација. Нејзината борба е реална, болна и проткаена со чувство на должност што често ја задушува нејзината среќа.
Описите на студиото, мирисот на боите и атмосферата на тајност создаваат една визуелна, речиси кинематографска слика. Идејата дека вистината е најубава кога е „изложена“ на ѕидовите е исклучително моќна.
Хувер е мајсторка за бавно градење на напнатоста. Не е прашањето дали Оберн и Овен ќе бидат заедно, туку дали нивните „исповеди“ ќе им дозволат да бидат заедно.
No comments:
Post a Comment