Во еден свет кој честопати се фокусира на тоа како да „преживееме“ од ден во ден, Векс Кинг ни нуди поинаква перспектива: како да живееме со полни гради преку моќта на нашите вибрации. Иако мојот книжевен фокус често е на психолошките трилери и мрачната меланхолија, секој „читател“ понекогаш има потреба од четиво кое е лековито, практично и освежувачко.
Векс Кинг ја гради својата филозофија врз идејата дека сè во овој универзум е енергија. Кога се чувствуваме добро – кога зрачиме со оптимизам, благодарност и самодоверба – ние привлекуваме настани и луѓе кои се во истата фреквенција.
Оваа книга не е само „позитивно размислување“ кое нема основа. Кинг зборува за самољубието како темел, за тоа како да ги поставиме границите и да престанеме да се извинуваме што постоиме, за тоа како малите, секојдневни избори постепено го менуваат нашиот менталитет.
Како некој што сериозно ја изучува човечката психа, признавам дека првично бев скептична кон концептот на „вибрации“. Меѓутоа, низ страниците сфатив дека Кинг всушност зборува за она што во психологијата го нарекуваме „когнитивно реструктуирање“.
Книгата е практичен прирачник за тоа како да го промениме наративот во сопствената глава. Таа не учи дека ние не сме жртви на нашите мисли, туку нивни креатори. Ако трилерите што ги сакам на „Читателката“ ни покажуваат до каде може да оди човечкиот ум во својата мрачна страна, оваа книга ни покажува колку моќен може да биде тој кога ќе го насочиме кон светлината.
„Добри вибрации, добар живот“ е како еден искрен разговор со пријател кој сака да види како успевате. Не е претерано „накитена“ со лажен оптимизам, напротив, авторот е отворен за сопствените тешки искуства и како тие го обликувале.
Јазикот е едноставен, директен и многу инспиративен. Не се работи само за теорија; секоја глава нуди начин како да го примените наученото во секојдневниот живот (дури и во оние моменти кога се чувствувате „скршено“).
Ова е книга што ќе ја чувате на ноќното масиче и ќе и се враќате кога ќе ви треба „ресетирање“. Иако не е психолошки трилер што ќе ве држи будни до 3 часот наутро со отворена уста, таа нуди нешто многу поважно: мир.
Ако сакате да го промените начинот на кој реагирате на стресот и сакате да изградите поздрав однос кон себе, „Добри вибрации, добар живот“ е одлично место за почеток.
No comments:
Post a Comment