Понекогаш е неопходно да се свртиме кон книги кои не потсетуваат на она што го забораваме додека трчаме по своите амбиции. Романот на Робин Шарма е парабола која, иако е напишана пред многу години, останува остар потсетник за цената што ја плаќаме за „успешниот“ живот.
Романот не запознава со Џулијан Мантл, врвен адвокат кој има се: богатство, моќ, луксузен имот и тоа прочуено „Ферари“. Но, позади таа блескава фасада лежи длабока емоционална и психолошка исцрпеност. По еден срцев удар, Џулијан одлучува да го напушти сè она што го изградил и заминува на пат во Хималаите, барајќи одговори на прашањата за кои неговата диплома не го подготвила.
Оваа книга е структурирана како приказна за преобразбата. Кога Џулијан се враќа, тој е променет човек, а она што го пренесува на својот поранешен колега Џон, се принципите на „Сиџи“ мудреците.
Шарма зборува за тоа како да го „градиме“ својот ум наместо да го пуштиме да стане депонија на негативни мисли. Тоа е чиста когнитивна дисциплина.
Иако стилот на Шарма е многу повеќе „инспиративен“ отколку што сум навикнала (моите омилени психолошки трилери како оние на Фицек се многу подиректни и потемни), морам да признаам дека оваа книга има моќ да го „рестартира“ начинот на кој гледаме на сопствениот хаос.
Како некој што се занимава со психологија, ми е интересно да анализирам зошто Џулијан морал да го продаде своето Ферари. Дали е тоа симбол на отфрлање на материјалното, или симбол на ослободување од перцепцијата на другите за нас? Џулијан не ја продава својата кариера; тој го продава својот статус за да ја врати својата суштина.
„Калуѓерот што го продаде своето Ферари“ е за оние кои се чувствуваат „прегорени“ од сопствените обврски и очекувања. Таа не нуди брзи решенија, туку методологија за враќање кон себе. Ако ти треба „дишење“ меѓу читањето на тешки психолошки трилери, ова е идеалното четиво за освежување на духот.
Можеби не е ремек-дело на книжевната фикција, но е ремек-дело на животната лекција. Книгата не учи дека најголемото богатство не е она што можеме да го возиме, туку она што го носиме во нашиот ум кога сме сами со себе.
Оцена: ★★★★☆ (4/5)
No comments:
Post a Comment