TIKTOK I INSTAGRAM: @CITATELKATA

Thursday, June 25, 2026

Рецензија на романот Пред да се излади кафето од ТОШИКАЗУ КАВАГУЧИ



„Пред да се излади кафето“ е длабок, емотивен роман кој на многу нежен начин ги истражува сложените односи помеѓу луѓето, времето и каењетоДејството на книгата е сместено во мал кафич во Токио, каде што посетителите имаат уникатна можност да патуваат назад во времето, но со строго дефинирани правила патувањето не може да ги промени сегашноста и иднината, а мора да се вратат пред да се излади кафето што го пијат.

Книгата е поделена на четири приказни, каде што секоја од нив фокусира на различен лик и нивните длабоко лични и емотивни дилеми. Темите се универзални — како да се соочиме со минатото, како да простиме и продолжиме понатаму, и што значи да се биде човечко суштество со сите свои слабости и силни страни.Книгата е составена од четири меѓусебно поврзани приказни кои се фокусираат на луѓе што се наоѓаат во критични моменти од животот, љубовник кој сака последен пат да ја види својата партнерка, жена која сака да се соочи со поранешниот сопруг, сестра која копнее за изгубените моменти со својата сестра, и жена која сака да се врати во минатото за да се сретне со своето неродено дете. Овие приказни се длабоко трогателни, бидејќи ја откриваат човечката ранливост и желбата да се исправат грешките од минатото.

Она што го прави овој роман толку посебен е неговата едноставност и суптилност. Иако магичниот елемент на времепловот е присутен, тежиштето на романот не е во тоа колку или дали ќе го сменат минатото, туку како тие емоционални патувања ги менуваат самите ликови. Соочувајќи се со она што го изгубиле или за што жалат, ликовите наоѓаат ново разбирање за себеси и за другите.

Стилот на пишување на Кавагучи е лесен за читање, но длабок и емотивно богат. Иако приказните се сместени во еден ограничен простор, кафулето служи како метафора за ограниченото време што луѓето го имаат на располагање да ги донесат своите одлуки и да ги изразат своите чувства.

„Пред да се излади кафето“ е роман кој ќе ги натера читателите да размислат за луѓето што ги изгубиле, шансите кои не ги искористиле, и дали можат да најдат мир со тоа што не може да се промени. Нежно, емотивно и едноставно ова е книга за прифаќањето на животот таков каков што е.

No comments:

Post a Comment