Штотуку ја завршив книгата Фифти Фифти од Стив Кавана.
Прв пат се соочувам со овој автор и можам да ви кажам дека ме остави без зборови одамна немам читано фасцинантен трилер, дефинитивно ќе ја прочитам и неговата книга 13, доколку сте ја читале пишете ми ваши мислења и импресии за авторот и делото.
Приказната започува кога полицијата прима два идентични повици во итната служба.
Александра Авелино штотуку го пронашла телото на нејзиниот татко и испаничено се јавува во полиција обвинувајќи ја сестра си .
Софија Авелино штотуку го пронашла телото на нејзиниот татко и преплашена се јавува во полиција верувајќи дека злосторството го извршила нејзината сестра која сака да ја убие и неа.
Но која една од овие жени лаже?
Главниот лик, адвокатот Еди Флин, прифаќа да ја застапува едната од сестрите, верувајќи во нејзината невиност.
Сепак, како што судскиот процес напредува, тој почнува да се сомнева во својот избор и се соочува со морални дилеми кои го ставаат на тест неговиот професионализам и интуиција.
Од другата страна ја имаме млада адвокатка Кејт Брукс која ја застапува втората сестра.Таа е млада адвокатка која, на прв поглед, изгледа како да се обидува да се докаже во суровиот свет на правото, но нејзината приказна е многу подлабока.
Од самиот почеток, читателот дознава дека Кејт се наоѓа во токсична работна средина, каде што нејзините способности се потценети, а нејзиниот глас се игнорира.
Кога ја презема одбраната на едната сестра која е обвинета за убиство на татко им, Кејт не само што се соочува со предизвикот на докажување на невиноста на својата клиентка, туку се соочува и со своите лични демони.
Кога почнува судењето , луѓето блиски до случајот почнуваат да исчезнуваат или да доживуваат несреќи.
Она што ја прави „Фифти Фифти“ толку интригантна е конструираниот заплет, кој се врти околу идејата на лажењето и манипулацијата. Кавана совршено го балансира судскиот процес со емоционалната динамика помеѓу ликовите. Неговото познавање на правниот систем и неговата способност да создаде напнати судски сцени се извонредни.
Читателот постојано е во дилема, која сестра ја зборува вистината?
И дали вистината навистина може да се докаже?
Оценка: ⭐️⭐️⭐️⭐️⭐️ 5/5
No comments:
Post a Comment