TIKTOK I INSTAGRAM: @CITATELKATA

Sunday, June 28, 2026

Рецензија на романот Мистериозниот странец од БРИТАНИ ЧЕРИ


Британи Чери е авторка која не се плаши да ги „извалка рацете“ со емоциите на своите ликови. Во „Мистериозниот странец“, таа не носи во едно мало место каде што тишината не е знак на мир, туку засолниште за луѓе кои биле премногу повредени од животот за да можат повторно да зборуваат.

Главната хероина, Меги, живее во свет исполнет со звуци, но нејзиниот внатрешен свет е замолчен по една трагедија што го променила текот на нејзиниот живот. Нејзиниот живот се вкрстува со оној на Брукс, „странецот“ кој пристигнува во градот, носејќи со себе сопствена темнина и завет на молчење.
​Тие двајца не комуницираат со зборови тие комуницираат преку болката што ја препознаваат еден кај друг. Тоа е врска што се гради бавно, како што се гради доверба кај пациент што долго време бил во изолација.

Како некој што ги истражува мрачните страни на психата, овој роман го гледам како студија за посттрауматското стресно нарушување и начините на кои луѓето се обидуваат да ја „скрпат“ својата психа кога светот ќе им се сруши.
Чери маестрално ја прикажува идејата дека зборовите понекогаш се премногу плитки за да ја опишат вистинската болка. Брукс и Меги се разбираат преку гестови, погледи и споделено присуство што е еден вид невербална терапија.
​Секој од ликовите гради свој ѕид за да се заштити. Психолошки, ова е многу веродостоен приказ на одбранбените механизми што ги користиме кога сме исплашени од повторно повредување.
Авторка не нуди „магичен лек“. Исцелувањето во оваа книга е макотрпно, полно со подеми и падови, што ја прави приказната неверојатно приземна и искрена.

Иако книгата содржи елементи на романса, таа пред се е приказна за преживување. Брукс е типичен „мрачен“ протагонист кој ја крие својата нежност под маската на рамнодушноста, а Меги е лик чија сила не се гледа во нејзините зборови, туку во нејзината истрајност да остане „будна“ дури и кога се околу неа е пепел.

​Ако ги сакате приказните каде што ликовите се морално сиви или емоционално оштетени, но сепак ја задржуваат таа „ноар“ доблест на лојалност и сочувство овој роман ќе ве „купи“ од првата страница.

No comments:

Post a Comment