Каризи прави маестрален потег со тоа што го сместува дејството во Рим, но не во оној туристичкиот, туку во еден темен, дождлив, готски Рим, исполнет со сенки и тајни стари со векови. Градот овде е жив лик кој дише и ги крие гревовите на човештвото. Атмосферата е постојано напната, а морниците кои ве лазат додека ја читате книгата се присутни од првата до последната страница.
Маркус не е обичен детектив. Тој е пенитенцијариј (исповедник) припадник на таен ватикански ред кој ги истражува злосторствата што полицијата не може да ги реши. Нема сеќавање, нема идентитет, го има само својот гнев и неверојатниот талент да го препознае злото таму каде што другите гледаат само празнина.
Сандра Вега е полициска фотографка чија задача е да ја „фотографира празнината“ на сцените на злосторствата. Таа внесува емотивна длабочина и рационалност во приказната.
Нивната соработка не е класична партнерска врска; нивните патишта се испреплетуваат на начин кој постојано го тера читателот да се прашува кому може да му верува.
Каризи, кој по професија е криминолог, го користи своето знаење за да создаде убиство кое е гротескно уметничко дело. Тој не се потпира на евтина крв и насилство, туку на чист психолошки терор и интелигенција. Секое ново поглавје отвора нова врата во лавиринтот на умот на серискиот убиец. Самиот концепт на борбата меѓу светлината и темнината на границата каде што тие се среќаваат е брилијантно разработен.
Ако мислите дека можете да го предвидите крајот на овој роман, Каризи ќе ве демантира. Завршетокот на книгата е вистински пресврт кој ве остава во тотален шок и неверување. Приказната ве тера веднаш да ја препрочитате книгата за да ги забележите сите ситни индиции кои авторот вешто ги скрил низ текстот.
Книгата буквално „фаќа и треска од земја“. Таа не е само обична крими-приказна, туку филозофско истражување на човечката природа и прашањето: Дали злото може да се искорени или тоа е неопходен дел од светот?
Доколку веќе ја прочитавте или планирате да ја читате, оваа книга е дел од трилогијата за Маркус и Сандра. Веднаш по неа следуваат продолженијата „Господар на злото“ и „Господар на сенките"
No comments:
Post a Comment